02.07.2015, 17:30 Поглед од Европа: Македонија е заглавена

Двајцата познати експерти, Џејмс Кер-Линдзи и Флоријан Бибер, велат дека сегашната ситуација е неодржлива и дека најголема штета од тоа ќе имаат граѓаните
Слободанка Јовановска
Ситуацијата во Македонија е неодржлива - е генералната оценка на странските експерти на политичката ситуација во земјата која на моменти се ближи кон решение, а на моменти кон криза, а реално се претвора во замрзнат политички судир. Џејмс Кер-Линдзи од Лондонската школа за економија, експерт за регионот кој редовно ја следи и коментира Македонија, смета дека треба да се преземат реални чекори за да се врати земјата на вистинскиот курс и граѓаните да добијат влада на која ќе и' веруваат.
„Подолг период постоеше загриженост за курсот по кој оди земјата, но токму објавувањето на снимките го потврди мислењето на многу луѓе дека тука постојат сериозни проблеми. Опсегот на политичките недела го откри отпорот да и' се верува на власта. Ова направи огромна штета на угледот на земјата на меѓународен план“, вели Кер-Линдзи. Според него тешко е да се каже како ќе се развива состојбата ако нема решение за брзо време.
„Во еден момент изгледаше дека може да има народно востание против владата. Мислам дека многумина чувствувавме дека постои реална можност владата да поднесе оставка. Сепак, се чини дека тој момент помина, барем за некое време. Како и да е, прилично очигледно е дека постои многу сериозен политички проблем што очајнички треба да се реши. Сегашната ситуација е неодржлива. На луѓето им треба влада на која можат да и' веруваат и опозиција што може да функционира ефективно. Треба да се преземат реални чекори за да се врати земјата на вистинскиот курс“, смета британскиот експерт.
За него, улогата на ЕУ е охрабрувачка, но и разочарувачка бидејќи нема резултат.
„ЕУ е клучен актер. Добро е да се види дека таа презеде активна улога во обид да ја реши ситуацијата. Сепак, разочарувачки е што не можеше да постигне повеќе. Ова е потенцијално загрижувачки знак зашто сугерира дека ЕУ можеби нема влијание во земјата колку што смета“, оценува Кер -Линдзи. Сепак, тој смета дека ЕУ ќе има клучно значење во обликувањето на иднината на земјата.
„Изминатите шест години ЕУ препорачуваше почеток на пристапните преговори, но во својот последен извештај за напредокот ја нагласи загриженоста за демократијата и истакна дека во иднина можеби не ќе може да даде позитивна препорака. Со оглед на откритијата со кои се соочивме годинава, многумина чувствуваат дека Комисијата не може и натаму кредибилно да дава ваква препорака. Кредибилитетот на ЕУ ќе биде поткопан ако каже дека знае за случувањата, но сепак се' уште верува дека работите се доволно добри за почеток на преговорите. Ако ја повлече препораката, тоа ќе биде ’да се биде или не‘ момент. Луѓето, едноставно, може да решат дека владата треба да си замине“, порачува тој, оставајќи можност и за друга опција, т.е. одземањето на препораката и да ја зајакне владата ако почне да тврди дека тоа што и' се случува на земјата е заговор на ЕУ.

„Мојата најголема загриженост е сепак дека ако ЕУ одлучи да се откаже од препораката за преговори за членство, ќе исчезне целиот поттик да се остане на демократскиот пат. Без изгледи за пристапување во ЕУ, вашата влада може да реши дека дури не треба ни да се преправа дека се придржува кон демократските норми. Ова може да доведе до назадување и до авторитаризам“, предупредува Кер-Линдзи.
Флоријан Бибер професор од Институтот во Грац исто така смета дека политичката ситуација е заглавена и без многу надеж за брзо решение. За да има решение, според него, треба да се исполнат три поврзани услови, но со оглед на неговиот впечаток дека владата не може или не сака да исполни ниту еден од нив, а нема поголем притисок од надвор или од внатре, не гледа начин како ќе се надмине кризата.
„Прво, потребна е независна и сеопфатна истрага за обвинувањата кои произлегуваат од лентите кои укажуваат на сериозни злоупотреби на функциите од страна на владините функционери и министри. Второ, треба да има сеопфатна реформа на институциите, како што посочи извештајот на експертите на ЕУ, за да се решат структурните проблеми и слабоста на институциите и процедурите. И трето, треба да има политичко решение кое вклучува нови избори и процес до нив што ќе гарантира дека не се изманипулирани и се слободни и фер“, посочува Бибер, па додава:
„Ако не се најде решение, владата ќе сака да ги види замрени протестите и да продолжи со однесувањето како и досега. Со оглед на степенот на злоупотреби и мобилизацијата на опозицијата и големиот број граѓани, тоа се чини малку веројатно. Опозицијата ќе сака да го зголеми притисокот врз Владата, но тоа ќе смени малку ако не дојде до некој значаен пресврт, како нови откритија или груба реакција. Така што статус-кво состојбата може да трае без јасно придвижување во кој било правец. Губитници од ќор-сокакот ќе бидат граѓаните, бидејќи застојот ќе значи дека злоупотребите ќе останат неистражени и политичкиот напредок ќе заглави“, смета Бибер.
Тој е скептичен околу успехот на европското медијаторство, бидејќи според него, ЕУ има малку влијание во Македонија, освен ако не го земе посериозно решавањето на спорот со Грција и така си го врати кредибилитетот тука.
„ЕУ гледаше на ова прашање, барем на почетокот, како конфликт меѓу владата и опозицијата. Така што го игнорираше очигледното, дека станува збор за сериозни и веродостојни обвинувања и докази за кривични дела извршени од страна на владини претставници кои ја ставија под сомнеж демократијата во Македонија. ЕУ веројатно ја притискаше повеќе опозицијата од владата да се најде решение. Во тој процес, таа ризикува да не притисне доволно силно за реформи и за политички промени кои се неопходни Македонија да оди напред. Иако ангажирањето на комесарот Хан испрати сигнал за посветеност, ќе биде подобро да се именува специјален посредник на ЕУ од висок профил кој ќе може да се посвети на ова прашање“, смета тој. За Бибер незамисливо е некој сега сериозно да се залага за препорачување преговори за членство со Македонија и очекува ЕК да ја повлече таа одлука, а во секој случај да има помалку поддршка за неа од претходните години. |