26.02.2016, 17:35 Дипломатијата не го спречи политичкиот конфликт

Џејмс Кер Линдзи од Лондонската школа за економија вели дека настаните што се случија во Македонија направиле неверојатна штета на меѓународниот углед на земјата
Слободанка Јовановска
Не само изборниот процес туку целосната политика во земјата е ставена под прашалник, порача вчера Ричард Ховит, преку колумната напишана за „Еурактив“. Според него, со самото тоа што не учествувал во договарањето на новиот датум за избори, СДСМ нема обврска да го испочитува. За Ховит, ова е првпат меѓународната заедница да не успеала да го премости јазот меѓу партиите, а новиот датум за избори бил прифатен од ВМРО-ДПМНЕ само како резултат на притисокот на ДУИ.
Предупредувајќи дека во Македонија крајните рокови доаѓаат и поминуваат со загрижувачка брзина, поранешниот известувач за нашата држава во ЕП оценува дека големината на последиците овој пат била сфатена од меѓународната заедница, па на последната криза околу датумот одговорила со две закани - дека нема да ги признае изборните резултати и ќе ја повлече препораката за преговори. Според него, се' уште не е јасно дали едностраната одлука на владејачките партии да го одложат датумот за избори без учество на СДСМ е прекршување на договорот од Пржино, но Брисел се надева дека не е.
„Овој нов датум за избори значеше дека макотрпната дипломатија барем успеа да спречи катастрофа неделава, но по цена на можно генерирање на друга, некој друг ден“, смета Ховит, според кого меѓународната заедница не успеала да ја спречи спиралата на политичкиот конфликт во нашата држава. Притоа тој демантира дека САД и ЕУ нема веќе да прават проценка на подготвеноста за избори на 5 јуни и дека преговорите за медиумите ќе се остават за по избори.
„Во оваа фаза нема друга одржлива алтернатива освен да се одложат изборите“, оцени вчера експертот за Балканот на Лондонската школа за економија и политички науки, Џејмс Кер Линдзи. Според него, постои значителна работа што треба да се заврши за да се исчисти избирачкиот список, да се осигура дека гласањето и пребројувањето на гласовите ќе бидат транспарентни и соодветно набљудувани и за да се осигура дека партиите нема да ги злоупотребуваат своите позиции за да обезбедат гласови.
„Изборите можеби ќе го поминат основниот праг за да се сметаат вистински компетитивни, но сепак ќе помине многу долго време пред Македонија со право да може да тврди дека навистина е демократска држава“, смета овој експерт за Балканот.
Настаните што се случија во Македонија во изминатите месеци, според Линдзи, направиле неверојатна штета на меѓународниот углед на земјата, за која некогаш се сметаше дека има светла перспектива. За него особено е неприфатлива најавата за амнестија на изборните злоупотреби, нешто што го смета за рамно на признавање на вината.
„Секој потег што ќе овозможи помилување на сите што се вклучени во изборни измами е ништо помалку од срамота. Кај вас се појавија сериозни тврдења за напори да се поткопаат демократските процеси. Тие мора да бидат темелно истражени и ако се открие вина, секој што ќе се најде одговорен мора да биде казнет. Одлуката наликува на обид на високи членови на Владата да подготват пат тоа помилување да може да се примени за нив самите или за тие под нив кои ги вршеле овие дела. Со други зборови, ова изгледа како признавање на вината. Фактот дека тоа е договорено од страна на Уставниот суд, само го поткопува угледот на таа институција. Тоа неизбежно ќе отвори прашања за нивото до кое тој е политизиран“, заклучи Линдзи. |