20.05.2016, 19:38 Хајндл скржав на зборови - Притисок и надвор и внатре за излез од кризата

Силен дипломатски притисок внатре и надвор да се повлече целосно аболицијата поради стравот дека со изгласаните промени се остава простор да се изигра барањето на ЕУ и САД
Слободанка Јовановска
Германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл вчера имаше серија средби со политичките партии од првиот, но и од вториот ешалон, што го засили чувството дека новиот медијатор на меѓународната заедница исцртува структура на некаква идна поширока влада на Македонија. Дали е точно или не, тој самиот не појасни, бидејќи два дена избегнуваше изјави за новинарите. Од она што се дозна неофицијално, сепак рано е да се очекува посредување и решение за нова влада, бидејќи процесот се' уште е заглавен околу аболицијата.
Пред да има заеднички ручек со лидерите на помалите албански партии, Хајндл беше во Тетово за да се сретне со Медух Тачи и Али Ахмети од ДПА и ДУИ. По средбите само кратко порача дека партиските лидери треба да преземат одговорност и да ги стават интересите на државата пред партиските. Од ДУИ соопштија што рекле тие, но не и гостинот, така што нивната оценка била дека одлуката на Уставниот суд и активирањето на парламентот ги вратиле стабилноста и безбедноста, отвориле пат за спроведување на реформите потребни за кредибилни избори и отвориле можност за повлекување на аболицијата. Ахмети го уверувал Хајндл дека договорените реформи ќе се остваруваат со полн капацитет, вклучувајќи ги и тие околу СЈО и ДИК.
Наспроти ваквата оптимистичка најава на Ахмети, Тачи ги обвинил ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дека продолжуваат со еднострано и неодговорно однесување за прашањата што беа дел од преговорите и за кои требаше да се постигне консензус меѓу четирите најголеми политички партии, со посредство на претставници на ЕУ и САД. На Хајндл тој му порачал дека ваквото однесување е неприфатливо, бидејќи ја продлабочува политичката криза и ја задушува евроатлантската перспектива на земјата. Според него, единствен излез од ситуацијата е да продолжи дијалогот и да се спроведат решенија од овој процес со посредување и гаранции на меѓународниот фактор, а со посебен акцент на решавањето на прашањето за името и меѓуетничките односи. Тој исто така го убедувал Хајндл дека проблемите меѓу македонските политички партии се виртуелни, а дека вистински се спорот за името и меѓунационалните односи.
Хајндл се сретна и со лидерите помалите партии ДОМ, ДС и ЛП, Лилјана Поповска, Павле Трајанов и Ивон Величковски, за да има поширока слика за проблемите во Македонија. Поповска оценила дека треба да се обнови спроведувањето на договорот од Пржино бидејќи дава прецизна рамка за решавање на правните и политичките проблеми. Тоа, според неа, подразбира поништување на аболицијата, формирање техничка влада во поширок формат, контролирано прочистување на избирачкиот список под надзор од македонска и надворешна експертска група, евентуално избор на нова ДИК од експерти и овозможување на СЈО да си ја врши работата преку повеќе мерки и закони. Според неа, би било интересно да се види составот на оние 135 илјади „нови граѓани“ на Македонија и нивниот територијален распоред и етничка припадност, по што можеби би станал појасен новиот договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Пред да си оди Хајндл имаше разговори и во ДИК.
Додека тој разговараше од Брисел стигна уште една порака дека аболицијата мора под итно да биде поништена.
„Партиите мора итно да се справат со сериозниот проблем – помилувањето кое претседателот Иванов го даде на бројни функционери. По вчерашната одлука на Парламентот, очекуваме помилувањето од 12 април неодложно да биде поништено за да се зачуваат принципите на одговорност, да се спротивстават на сериозната загриженост поради неказнивоста и да се избегне селективната правда. Еден од фундаменталните демократски принципи е сите граѓани да бидат еднакви пред законот“, рече портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич.
Политичките лидери овие два дена беа буквално окупирани од меѓународни претставници, бидејќи освен Хојт Ји и Јоханес Хајндл, своите ставови мораа да ги објаснуваат и пред холандските претседавачи и пред шефот на мисијата на ОДИХР, Јан Петерсен. Притисок доаѓаше, исто така, и од надвор. Повеќе министри за надворешни работи на НАТО, меѓу кои и од Велика Британија, го отвориле прашањето за кризата во Македонија на состанокот овие два дена во Брисел. На состанокот присуствуваше шефот на дипломатијата Никола Попоски, но не на главната расправа, и притоа имаше средба со помошникот државен секретар на САД Викторија Нуланд и со претседавачот на ОБСЕ, германскиот министер Франк-Валтер Штајнмаер, откако ден претходно се сретна со еврокомесарот Јоханес Хан. За понеделник е најавено дека Македонија ќе биде тема и на министерскиот состанок на ЕУ во форматот „надворешни работи“, што е сигнал дека од проширувањето нашата земја официјално се префрла во ресорот земји во кризи, бидејќи досега за нас се расправаше во Советот за општи работи. Според најавите од Брисел, не се очекуваат никакви заклучоци, што се должи на фактот дека ЕУ чека да ги види резултатите од обновувањето на работата на Собранието. Во експертските кругови, пак, постои поголем песимизам од кога и да е досега дека е на повидок решение на кризата кај нас, а Македонија се повеќе се доживува како изгубена битка на Европската Унија и на самата себе.
„Постои многу реалнo чувство во надворешните кругови дека Македонија е во длабока политичка криза. За жал, од сегашна перспектива, тешко е да се види како таа ќе се реши. Политичкиот систем потполно е разурнат, владеењето на правото е нарушено, а довербата меѓу клучните политички актери целосно отсуствува. Потребни се радикални чекори за да го надминете сето ова. Но, тешко е да се види од каде ќе дојде решението“, изјави Џејмс Кер Линдзи, истражувач за Балканот од Лондонската школа за економија. Според него, иако ЕУ се обидуваше да игра активна улога во преговорите за окончување на кризата, тој обид пропадна, при што има малку знаци дека ЕУ верува дека може да ги смени работите.
„Од нејзините изјави произлегува дека ЕУ сега чувствува дека, кое и да е решението, тоа сега е во рацете на партиите, а тешко е да се види како тие можат да го решат ова прашање без постојана и активна вклученост на ЕУ. Во меѓувреме, дури и ако ЕУ може да најде начин да ја реши сегашната криза, тоа нема да значи ништо ако не ја вратиме евроинтеграцијата на земјата на вистински колосек. А, тоа нема да се случи ако Грција не ја смени нејзината опструктивна позиција кон евроинтеграцијата на Македонија. Жално, но поради сите овие причини јас сум песимист за Македонија“, оцени Џејмс Кер Линдзи.
„Пародија. Каде се води истрага за криминал по барање на осомничените? Ако не побараат, нема истрага? Во земјата во која владеат осомничените. Во земјата каде што дел од граѓаните уште не ги интересира ’политика‘. Во земјата каде што оние против кои се отвори истрага за формирање на злосторничко здружение за изборни измами имаат образ да зборуваат за фер избори, а претседателот кој ја стопираше истрагата има образ да зборува за државни интереси. Во земјата каде што власта декларативно бара членство во ЕУ, а се прави глува на пораките што доаѓаат од таму. Во земјата каде недопирливоста на осомничените политичари се прикажува како државен интерес“, беше реакцијата вчера на експреговарачот за името и поранешен амбасадор, Никола Димитров.
|